Новак Ѓоковиќ го победи Камерон Нори со 2:1 во сетови (6:4, 6:7, 6:1) и се пласираше во финалето на тенискиот турнир во Женева. Ова ќе биде 143-то финале во кариерата на најдобриот тенисер на сите времиња и нова шанса за освојување на неговата 100-та титула. Во финалето, кое е закажано за недела во 15 часот, Ѓоковиќ ќе игра против Полјакот Хуберт Хуркач. Полуфиналето меѓу Ѓоковиќ и Нори беше напнат и возбудлив натпревар кој траеше подолго од очекуваното.
И двајцата тенисери започнаа силно, освојувајќи ги поените на свој сервис, а првиот сет го доби Новак со 6:4, откако направи брејк во седмиот гем. Во вториот сет, Камерон Нори презеде контрола, направи брејк и поведе со 4:1, па многумина помислија дека ќе дојде до израмнување. Но, Новак покажа голема борбеност и упорност – го врати брејкот и го одведе сетот во тајбрејк. Во драматична завршница, Нори успеа да одбрани меч-поен на Новак и го освои тајбрејкот, израмнувајќи на 1:1 во сетови.
Сепак, во решавачкиот трет сет, Ѓоковиќ се „ресетираше“ и влезе со голема енергија, контролирајќи ја играта од почеток до крај. Победи убедливо со 6:1 и обезбеди место во финалето. Навивачите се воодушевени што го гледаат Новак повторно во форма како во најдобрите денови – сервираше одлично и покажа дека е подготвен за следните предизвици. Во недела го очекува нова битка за титулата во Женева и потоа подготвка за големиот предизвик – Ролан Гарос, кој започнува исто така во недела.
Ѓоковиќ е близу до својата 100-та титула и со надеж за уште еден Гренд слем во кариерата.