Новата чешка коалициска влада на центарот и десницата целосно се откажа од обврската во иднина да ги вакцинира граѓаните постари од 60 години и некои професии во Чешка, како медицински персонал или полицајци и војници, изјави премиерот Петр Фијала по владината седница.
„Се договоривме вакцинацијата да не биде задолжителна. Тоа не менува ништо според нашето мислење дека вакцинацијата е најдобриот начин, најбезбедниот начин да се избегнат тешки симптоми на ковид-19 и хоспитализација. Затоа ги повикуваме сите граѓани повторно да се вакцинираат, капацитетите се доволни, заштитете се себе си и другите“, рече чешкиот премиер на прес-конференција во владиниот штаб.
Петр Фијала објасни дека неговата влада одлучила да ја укине уредбата за задолжителна вакцинација, која есента ја донесе претходната влада на премиерот Андреј Бабиш, кој во тоа време веќе поднесе оставка.
„Не сакаме да го продлабочиме јазот во општеството. Некои од тие причини поради кои е донесена уредбата веќе не важат, бидејќи во некои групи професии сме вакцинирани дури 90 проценти“, рече Фијала.
Во Чешка, која беше зафатена од мутација на сојот омикрон, во вторникот беше соборен црн рекорд од почетокот на пандемијата, кога беа откриени 28.469 новозаразени лица, што е за околу 16.000 повеќе од пред една недела.
И покрај толку големиот број на нови инфекции, болниците во Чешка не се полнат, туку напротив се празни и во вторник се хоспитализирани 1.635 пациенти со Ковид-19, од кои 252 биле на интензивна нега или респиратори, додека минатата есен во ковид-одделенијата во чешките болници имаше речиси 7.000 пациенти.
Бројот на смртни случаи повеќе не расте, но од почетокот на пандемијата во Чешка досега од Ковид-19 починале 36.937 лица.