Новата верзија на AirPods има торбичка со безжично полнење

од Vlatko K
91 прегледи

Премиерите на Apple продолжуваат со објавата на новата генерација на слушалките AirPods, кои
личат на својот претходник, но нудат некои важни подобрувања. Торбичката за носење на
слушалките сега поддржува безжично полнење преку стандардот Qi, што значи дека може да се
користи со речиси сите достапни безжични полначи на пазарот. Таа е опремена и со LED индикатор
за нивото на полнење на батеријата.


Другата голема промена е додавање на новиот чип H1, кој носи куп подобрувања во однос W1. На
прво место е зголеменото со 1 час (или 50%) време за работа со едно полнење. Следат подобар
квалитет на звукот при разговор и два пати побрзо време за поврзување при префрлување помеѓу
различни уреди. Заедно со тоа слушалките веќе ја поддржуваат командата „Hey, Siri“ за активирање
на гласовниот асистент на Apple и го користат стандардот Bluetooth 5.

Обновените AirPods ќе се нудат во две варијанти – со торбичка со безжично полнење по цена од
199 долари и со обична торбичка за 159 долари. Посебната цена на гореспоменатата торбичка ќе
биде 79 долари, што ќе овозможи и на корисниците на првата генерација слушалки да додаваат кон
нив безжично полнење.