Од 9 до 15 декември во државава се пријавени 118 случаи на групни пријави за заболени од грип – заболувања слични на грип – 34,1 отсто повеќе во споредба со претходната недела, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, објавен попладнево.
Седумдесет и четири лица се на возраст од 15 до 64 години. Дваесет се над 65 години, 14 деца на возраст од пет до 14 години и 10 на возраст до четири години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст до четири години.
– Заболените се пријавени од 13 ЦЈЗ/ПЕ, Гостивар – 27, Дебар – 24, Куманово – 20, Скопје – 11, Кавадарци – 8, Тетово – 7, а во Неготино, Струмица, Охрид, Кратово, Прилеп, Кичево и Радовиш бројот на заболени е помал или еднаков на пет. Во 10 извештајни единици кои пријавија случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска, во две – Кратово, Гостивар – сезонска, а во една – Дебар – средна активност на вирусот на грип, пишува во извештајот.
Во сезоната 2024/2025 вкупниот број на случаи на грип – заболувања слични на грип изнесува 660, покажуваат податоците на Институтот.
Заклучно со 50. недела во Република Македонија, вакцинирани се вкупно 72.099 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.