Нови 37 комунални возила ќе го чистат Скопје

од Nikola Popovski
232 прегледи

Денеска град Скопје промовише пет нови специјални комунални возила кои се дел од 37-те различни возила што ги набави ЈП „Комунална Хигиена“ согласно со договорот склучен на крајот на минатата година.

„Ќе имаме уште 32 нови возила кои ќе ги претставиме кон крајот на месецот како што ќе пристигнуваат, и тоа 5 возила кои се наменети за контејнери од 1,1 и од 5 м3; 10 возила кои се наменети за контејнери од 5 м3; 5 возила за контејнери до 1,5 м3; 5 возила – самоподигнувачи со носивост од 7 тони; 10 цистерни за миење улици и 2 кипери со капацитет од по 16 м3. Сите овие возила ќе бидат испорачани до крајот на месецот“, изјави градоначалникот Петре Шилегов.

Град Скопје пред околу 2,5 години започна со воведување нови стандарди во третманот на комуналниот отпад како политики што ги водат најсовремените европски градови. Набавени беа нови 540 контејнери со капацитет од 3.200 литри и 30 контејнери за селектирање отпад од 2.200 литри. Градот набави 4 нови комунални возила за третман на овие контејнери.

Набавени беа и 950 корпи за џебен отпад што беше зголемување за една половина од дотогашните 1.750 корпи. Дополнително беа набавени и 12 електрични машини за вакуумско чистење, 10 електрични возила за чистење и миење на јавни површини и 10 возила за миење на тротоарите. Овие возила се технолошки најсовремени машини коишто се на електричен погон и не го загадуваат воздухот во нашиот град.