Министерот за здравство, Фатмир Меџити денеска потврди дека се подготвуваат документите, со кои ја прифаќаат препораката на Комисијата за заразни болести за прогласување епидемија на голема кашлица на територија на Скопје. Во изминатите денови бројот на нови случаи расте, само во последното денонќие четворица новозаразени, со што, бројот е зголемен на 22 од почетокот на годината.
Комисијата за заразни болести вчера одлучи да препорача прогласување на епидемија на голема кашлица на територија на градот Скопје. Според д-р Александар Петличковски, претседател на КЗБ, прогласување на епидемија не звучи страшно, но реално треба да олесни во справување со ризикот кој доаѓа. Петличковски вели дека клучните активности треба да бидат насочени на пополнување на промашените вакцини. Треба да се поправи тоа што е промашено, додаде тој.
Препорака е и да се забрани прием на невакцинирани деца за пертусис во градинките.
Според календарот за имунизација од 2023 година, вакцина за пертусис се прима во вториот, четвртиот и шестиот месец од раѓањето на бебето. Потоа, ревакцина се прима и кога детето има 18 месеци, а и на 7 годишна возраст.