Во Косово се потврдени 13 случаи на инфекција со коронавирусот и сите заразени дошле од Италија.
На Косово, потврдени се уште четири случаи на коронавирусот , така што вкупниот број заразени сега е 13, рече министерот за здравство, Арбен Витиа.
Според извештајот, станува збор за членови на семејство на 77-годишно лице од селото Стубла во општина Витина, Од тоа домаќинство КОВИД-19 сега имаат седум члена.
Витиа рече дека семејството е во изолација и дека Националниот институт за јавно здравје ги испитал и другите членови на потесното и пошироко семејство на тоа лице.
Меѓу заразените се и четири лица од селото Бубавец во општина Малишево, едно од Клина, италијански државјанин и едно од Подујево.
Сите овие луѓе дошле на Косово од Италија.
Министерот Витиа ги повика граѓаните на Косово да ги намалат своите излегувања надвор од дома, освен во итни случаи, да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство и Националниот институт за јавно здравје.
Косовската влада синоќа донесе одлука за воведување вонредна состојба на јавното здравје.