Нови детали од американските документи: Египет тајно планирал да ја вооружува Русија?

од Stefanija Kuzmanovska
170 прегледи

Протечените американски документи откриваат тајни преговори за оружје меѓу Египет и Русија, при што египетскиот претседател Абел Фатах Ел-Сиси наводно планирал да му обезбеди на Кремљ десетици илјади проектили.

„Вашингтон пост“ доби серија доверливи датотеки објавени во февруари и март на платформата за игри Discord. Едно од досиејата содржи детални дискусии меѓу високи египетски функционери за продажба на оружје на Русија.

Во еден документ, Сиси им кажува на службените лица да ја чуваат во тајност пратката и масовното производство на оружје за „да се избегнат проблеми со Западот“.

Тајниот документ од 17 февруари, содржи дискусија на египетските власти за тоа како да ги снабдуваат нивните руски колеги со барут и артилерија од египетските фабрики, наведе „Пост“.

Наводно се работи за 40.000 проектили.

Египет е долгогодишен американски сојузник и добива повеќе од милијарда воена помош годишно, а истовремено ги продлабочува односите со Москва под власта на Ел-Сиси, додаваат медиумите.

Откритието, кое првпат го објави „Пост“, може да влијае на американско-египетските односи и потенцијално да доведе до санкции доколку Египет навистина тајно ѝ снабдувал оружје на Русија.

Минатата недела, низа доверливи американски документи протекоа на интернет, откривајќи нови детали за руската кампања во Украина и клучни детали за украинската војска.

Сè уште не е познато кој ги објавил документите, што може да предизвика сериозна загриженост за САД, бидејќи некои од документите вклучуваат доверливи анализи за Кина, детали за руските и украинските стратегии во војната и информации за доверливи извори.

Ахмед Абу Зеид, амбасадор на Египет во САД и портпарол на министерството за надворешни работи на земјата, изјави за „Пост“ дека „позицијата на Египет од самиот почеток се заснова на немешање во оваа криза и на обврската да се одржи еднаква дистанца од двете страни, потврдувајќи ја поддршката на Египет за Повелбата на ОН и меѓународното право во резолуциите на Генералното собрание на ОН“.

„Продолжуваме да ги повикуваме двете страни да ги прекинат непријателствата и да постигнат политичко решение преку преговори“, рече тој.

Официјални лица за безбедност на САД изјавија за „Пост“ дека се чини дека договорот за оружје никогаш не се реализирал во последните месеци.

Слични содржини