Драган Филиповиќ, раководител на белградската училишна управа, во српската утринска програма „Разбуди се“ изјави дека наставата во сите училишта ќе започне со едноминутно молчење, а основното училиште „Владислав Рибникар“ ќе почне со работа дури во понеделник. Тој изјави дека момчето кое го извршило делото посетувало и музичко училиште и дека врз основа на сите показатели што ги има училиштето, немало врсничко насилство.
„Овие два дена настава нема да се одвива во тоа основно училиште. За учениците од помладите одделенија, доколку родителите немаат каде да ги остават децата, а децата инаку се во продолжен престој, училиштето ќе биде отворено во физички одвоен дел, во делови каде учениците нема да имаат пристап до местото каде што е извршено кривичното дело. Родителите рекоа дека нема да ги донесат децата, но без разлика, договорено е во училиштето да има дежурни наставници“, рече Филиповиќ.
Тој рече дека треба да се разговара со децата, а за утре е закажана средба со претставници на министерството за здравство, со цел да се направи план за активности за прием на децата во понеделник во ОУ „Владислав Рибникар“. На средбата ќе присуствуваат двајца психијатри, психолог, претставници на УНИЦЕФ.
Наведе дека врз основа на сите показатели кои ги има училиштето, во училиштето немало врсничко насилство врз ученикот или дека тој учествувал, дека немало таков случај ниту во музичкото училиште и дека бил исклучително талентиран. На прашањето за насилството во актерската школа што ја посетувал, Филиповиќ изјави дека со оглед на тоа што се работи за приватна воннаставна активност, немаат информации.
Кога станува збор за момчето кое ги изврши убиствата и неговото префрлање од едно во друго одделение, изјави дека се работи за училиште кое на децата им нуди двојазично образование од седмо одделение.
„По барање на родителите, ученикот се префрлил во паралелка со двојазично образование. Тоа беше неговиот мотив да се премести од едно во друго одделение“, изјави Филиповиќ.