Македонецот Мартин Сипковски (21), кој загина во експлозија во стан на улицата „Косовска“ во Белград, наводно бил ангажиран да го убие еден од водачите на навивачите на Партизан, Тадија П. (23), пренесуваат медиумите од Белград. Според дел од нив, навивачот на Партизан се поврзувал со тамошните нарко-картели.
Поради силата на експлозијата, преградните ѕидови во станот биле срушени, прозорците и гредите биле испукани, а автомобилите паркирани пред зградата биле оштетени. Мартин Сипковски, според српските медиуми, бил мртов на самото место, поради што сомневањата се дека во рацете држел уред што експлодирал и го убил.
Минатата година Сипковски беше споменат во македонските медиуми како млад човек кој „го заменил ракометот со манекенство“. За него се пишуваше како прв Македонец кој потпишал договор со престижна модна агенција во Истанбул и студент на Факултетот за бизнис и менаџмент во Скопјe. Како што се пишуваше во тоа време, поради повреда на вратот, тој ја напуштил својата најголема љубов – ракометот кога играл за РК „Вардар“.
За потсетување, Вишото јавно обвинителство во Белград пред неколку дена објави дека Филип В. (26) е уапсен под сомнение дека му го донел експлозивот на Сипковски во станот.