Повторно гужви на граничните премини за излез од државата, особено на ГП „Богородица“ каде што се пуштени пет ленти за возила. Ова е сликата што може да се види од камерите на ЈПДП.
Од АМСМ велат дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
„Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за влез и ГП Богородица за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата“, порачуваат оттаму.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.