Нови хорор сцени од Буча: Во подрум пронајдени тела на пет мажи со врзани раце

од Vladimir Zorba
176 прегледи

Телата на пет мажи со врзани раце се пронајдени во подрумот на детската болница во Буча, во близина на Киев, која Украинците ја ослободија од Русите и каде беа извршени масакри, соопшти во понеделникот украинското обвинителство.

„Невооружени цивили“ чии тела ги пронашле украинските полициски сили биле претепани, а потоа убиени од припадници на вооружените сили на Руската Федерација, објави истиот извор во Телеграм.

Заедно со објавата беа објавени и фотографии од телата.

Во тек е истрага за околностите на нивната смрт, додаде канцеларијата на обвинителката Ирина Венедиктова.

Западните земји во понеделникот повикаа на истрага за „воените злосторства“ што им се припишуваат на руските војници во близина на Киев, што Москва силно го негира, а Украина го нарекува „геноцид“.

Десетици тела во цивилна облека беа пронајдени минатиот викенд во Буча, северозападно од главниот град на Украина, на улиците и во масовни гробници, по повлекувањето на руските војници. Стотици други беа пронајдени мртви во масовни гробници во областа Киев.

Руската војска во последните денови го олабавува обрачот околу Киев и на север за да ја фокусира својата воена офанзива на истокот на земјата.

Слични содржини