28-годишниот Миле Тодоров од Неготино и натаму е исчезнат, повеќе од три месеци, а денеска неговата сестра сподели нови информации. Марија Атанасиевиќ, се огласи на социјалните мрежи со апел до јавноста. Според сведоштва на очевидци, Миле наводно бил забележан како се движи покрај планината Серта.
Сестрата на Миле апелира до сите граѓани кои се движат во овој регион и забележат лице со ваков опис, веднаш да пријават во полиција.
-По сознанија од очевидец, брат ми Миле Тодоров (исчезнат на 30. 01) е виден како се движи покрај планината Серта. Доста бил ослабнат и со подолга коса и брада. Ве молам ако се движите таму и видете таков човек да пријавите во полиција, стои во апелот на Марија.
Тодоров утрото на крајот на јануари тргнал кон фирмата во која работел во Кавадарци, каде му кажал на сопственикот дека дава отказ, по што заминал пеш во правец на Неготино. Трагата му се губи на патот кај Марена, според очевидци и снимки од надзорни камери. Тоа е сè што јавноста дозна за неговото последно движење, а обемните потраги на терен со стручни тимови и бројни доброволци, не дадоа одговори.
Тодоров последен пат бил виден облечен во работничко одело со бело палто и црн елек.