Нови истражувања и нови генерации истражувачи од странство за кои македонскиот јазик, литература и култура се научен предизвик

од Vladimir Zorba
183 прегледи

Нови истражувања и заклучоци за македонскиот јазик, литература и култура. Од истражувачи од Кина, Австралија, Шведска, Турција, Австрија, Франција, Полска, Чешка, Унгарија, Русија, Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Косово, како и од истражувачи од нашата земја. Сите едногласно порачаа: македонистичките научни вистини и македонскиот збор и натаму ќе одекнуваат низ светот. Со нови лингвистички, книжевни и културолошки анализи на делата на Крсте Мисирков и Ацо Шопов, кои веќе ќе бидат референци во меѓународната академска средина. Со важни, нови отворени прашања за македонскиот јазик, литература и култура наспрема другите јазици, литератури и култури, со примена на најсовремени методолошки пристапи. Остварени се и нови контакти, презентирани се идеи за продллабочување на соработката меѓу македонските и странските македонисти, балканисти и слависти, преку кои афирмацијата на македонистиката во меѓународни рамки ќе е уште посилна. И клучно – има нови генерации истражувачи од странство за кои македонистиката е и ќе биде научен предизвик. Со своите презентирани истражувања, тие укажаа: странската македонистичка научна мисла има големи перспективи.

Ова се само дел од првичните резултати од 50. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), која во неделата, на 3 септември успешно заврши, во Охрид. Очекуваното дека ова јубилејно издание на Конференцијата ќе е и влог во иднината и дека ќе донесе клучни референци за македонистиката и нови научни предизвици, се оствари. Се потврди дека достоинствено продолжува развојот на конференцијата за јазик, литература и култура со најдолга традиција во регионот.

По свеченото отворање и по пленарната сесија на која своите реферати ги изложија повеќемина истакнати истражувачи од земјата и од странство, од петокот – 1 септември до неделата – 3 септември 2023 година, на Конференцијата, паралелно се одвиваше работата на лингвистичката секција и на секцијата за литература и култура, преку сесии за кои беа пријавени околу 70 нови научни трудови.

Централните теми на Конференцијата, како што беше и најавено беа делата на великаните Крсте Мисирков и Ацо Шопов, по повод значајните јубилеи – 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи” на Мисирков и 100 години од раѓањето на Шопов.

Во рамките на сесиите и на двете секции се претставија многу значајни нови согледби за делото на Мисирков, кои произлегуваат од нови истражувања на домашните и странските истражувачи, а се од голема важност за македонистичките научни вистини. Многу нови и извонредно интересни истражувања беа презентирани и за творештвото на Шопов, на кое му беа посветени голем дел од рефератите. Меѓу другото, покрај новите проучувања за јазикот на поезијата на Шопов, на Конференцијата, преку одделни истражувања се оствари и навраќање кон некои негови подзаборавени дела, како и кон дела на кои досега не им било посветено научно истражување, додека во исто време значајно се надградија и постојните научни исчитувања за некои сегменти од неговото творештво. Преку живи дискусии и расправи околу неговата поезија, препевите на неговата поезија на други јазици и неговите препеви на југословенски и светски автори на македонски јазик, на Конференцијата, во научните расправи и се оствари обид за научно коригирање на некои претходни залучоци, и клучно – за првпат се презентираа некои проучувања за материјали за Шопов и од странските книжевни архиви.

На Конференцијата беа опфатени и традициналните теми „Македонскиот јазик наспроти другите јазици” и „Македонската литература и култура наспрема другите литератури и култури”, коишто веќе со години овозможуваат низ научна диоптрија да се коментираат спецификите и посебноста на македонскиот јазичен, литературен и севкупно културен идентитет. Интересот за овие теми се потврди и преку ова јубилејно, конференциско издание, при што во некои од сесиите учетвуваа исклучиво странски истражувачи кои со студиозен пристап афирмираа нови важни научни предизвици што потврдуваат дека македонскиот јазик, литература и култура се факт и предизвик за светската наука, како што беше нагласено и на отворањето на Конференцијата.

Клучно е што по презентациите на научните трудови, во сите сесии се одвиваа и плодотворни дискусии, преку кои се отворија и низа други, нови прашања, се воспоставија нови тези, но и се препознаа конкретни можности за натамошни заеднички научни истражувања на македонските и странските истражувачи, со кои македонистиката ќе биде уште повидлива на меѓународен план. Притоа, особено значајно е што во тие дискусии учествуваа и нови странски истражувачи.

Како што веќе беше најавено, трудовите презентирани на 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ ќе бидат објавени во зборник, којшто се очекува да биде една од најзначајните научни публикации објавени кај нас изминатиов период.

Конференцијата на МСМЈЛК при УКИМ беше дел и од националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов” под покровителство на претседателот на државата, а се организираше и со финансиска поддршка од Министерството за култура.

Слични содржини