Нови мерки ја ограничуваат слободата на движење за руските дипломати во ЕУ

Мерките што ја ограничуваат слободата на движење на руските дипломати во ЕУ стапуваат на сила денес со цел заштита од шпионажа и дезинформации, објави ДПА.

од Vladimir Zorba
10 прегледи

Мерките што ја ограничуваат слободата на движење на руските дипломати во ЕУ стапуваат на сила денес со цел заштита од шпионажа и дезинформации, објави ДПА.

Кога патуваат во Шенген зоната надвор од земјата во која се акредитирани, руските дипломати и конзуларни службеници, како и нивните помошници и членови на семејството, сега ќе мора да ја известат земјата во која патуваат и сите земји на транзит најмалку 24 часа пред патувањето.

Земјите-членки на ЕУ, исто така, можат да воведат барање за дозвола за влез или транзит, за да можат да забранат евентуално патување во случаи на сомневање. Патувањето во земјата каде што служат не мора да се регистрира.

Оваа мерка беше официјално усвоена во октомври минатата година како дел од пакетот санкции против Русија и објавена во Службениот весник на Европската Унија.

ЕУ соопшти дека мерките се применуваат врз основа на тоа што некои од засегнатите лица биле вклучени во разузнавачки операции за Москва, вклучително и шпионажа и ширење дезинформации за војната за влијание врз јавното мислење.

Официјалните претставници на ЕУ изјавија дека кршењето на овие барања може да резултира со одземање на дипломатската акредитација.

Досега, на руските дипломати генерално им беше дозволено слободно да патуваат во рамките на ЕУ. Источните земји од ЕУ со години ја критикуваат оваа привилегија, но другите земји-членки стравуваат дека ограничувањата за патување би можеле да предизвикаат одмазда против европските дипломати во Русија.