Нови напади кон Брони: „Не ги знае основите на кошарката!“

од Vladimir Zorba
87 прегледи

Леброн Џејмс Јуниор е во прилично неблагодарна позиција, барем кога е во прашање неговата репутација во медиумите. Иако многумина предвидуваа дека нема ни да биде драфтуван по „бледата“ колеџ сезона, синот на четирикратниот шампион во НБА доби место и загарантиран договор со Лос Анџелес Лејкерс, каде соиграч му е тато – Леброн Џејмс постариот.

Ваквата ситуација е без преседан во историјата на НБА и очекувано привлекува големо внимание кај медиумите.

„Под лупа“ е секој настап на 20-годишниот Џејмс, а од почетокот на претсезоната на младиот кошаркар не му оди – благо кажано. Во прелиминарните натпревари одигра вкупно речиси 30 минути, но за тоа време постигна само два поени со слаб процент на шут.

Многумина го критикуваат 188-сантиметри високиот чувар, а еден од најострите е Кваме Браун, поранешниот центар на Лејкерси и прв пик на драфтот во НБА во 2001 година.

„Настапот на Брони синоќа беше ужасен. Само не ми е јасно. Неговиот татко можеби е најдобриот што некогаш го играл овој спорт, но сега се чини дека сè е поврзано со атлетските способности бидејќи Брони не ги знае основните принципи на кошарката“, рече Кваме Браун на својот канал на YouTube.

Браун е играч кој знае нешто или две за разочараните очекувања. Важи за една од најголемите „драфт грешки“ во историјата на НБА бидејќи еднаш беше избран пред Пау Гасол, Тони Паркер, Џо Џонсон, Тајсон Чендлер, Зек Рендолф, Гилберт Аренас… Остана во НБА – генерално во споредни улоги – до 2013. година.

Слични содржини