НОВИ ПОДАТОЦИ: Вакцината на Фајзер штити од делта сојот само 39 отсто?

од Stefanija Kuzmanovska
276 прегледи

Новите податоци од Израел и Велика Британија, објавени во четвртокот, создадоа голема збунетост во врска со ефикасноста на вакцината на „Фајзер“, кога станува збор за спречување на инфекцијата и последиците од делта сојот на коронавирусот.

Новите податоци од израелското Министерство за здравство покажаа дека, во просек, вакцината на Фајзер – која им била дадена на скоро сите што биле вакцинирани во Израел – сега штити од инфекција во само 39 отсто од случаите и дека е 41 отсто ефикасна во спречувањето симптоматски ковид. Пред појавата на делта сојот, вакцината на Фајзер штитеше во повеќе од 90 отсто од случаите.

Во меѓувреме, ново истражување објавено во Велика Британија, во „The New England Journal of Medicine“, покажа дека истите вакцини во Велика Британија се повеќе од 88 отсто ефикасни во спречување на појава на симптоматски козид – што е повеќе од двојно подобро отколку во Израел .

Според двете студии, докажано е дека оваа вакцина штити со повеќе од 90 отсто ефикасност од појава на тешки форми на болеста.

Некои аналитичари предупредуваат дека можни се големи неточности во бројките за ефикасност на вакцините, што се должи на повеќе фактори, како што е постоењето на точни податоци за нивото на инфекција кај невакцинираните, што е клучно за овие студии.

Израелската статистика исто така открива дека заштитата станува сè послаба како што минуваат месеците по вакцинирањето, поради намалувањето на имунитетот. Така, луѓето вакцинирани во јануари имаат само 16 отсто заштита од инфекција, додека кај вакцинираните во април, оваа бројка е 75 отсто.

Реагирајќи на бројките објавени во Израел во четвртокот, епидемиологот Надав Давидовиќ, професор на Универзитетот Бен Гурион, за „Тајмс оф Израел“ рече: Гледаме дека вакцината е помалку ефекасна во превенција на трансмисијата, но многу е лесно да се предвиди дека таа е и тоа како ефикасна во спречување на хоспитализација и сериозни случаи“.

Давидовиќ додаде: „Сè уште е одлична, добра во спречување на сериозни случаи и смрт, но помалку во спречување на пренесување. И поради тоа не можеме да се потпреме само на вакцинацијата, туку ни требаат зелени пропусници, тестирање, маски и слични мерки“.

Тој истакна дека сите бројки треба да се третираат како прелиминарни и делумно релевантни, имајќи предвид дека многу малку луѓе во моментов се позитивни.

Слични содржини