Нови препукувања меѓу Славески и Арсовска за градскиот буџет за 2025

од Nikola Popovski
59 прегледи

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески смета дека достигнале кулминација, како што вели, манипулациите и ароганцијата на градоначалничката Данела Арсовска. Според него, Арсовска „истура куп лаги и гадости за што најмалку што може да направи е јавно да му се извини на советникот Кирков“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ“.

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ преку Кирков ја извести јавноста за непочитување на законски и други прописи кои се однесуваат на процедурата за носење буџет на град Скопје. Имено, Закон за финансирање на единиците на локалната самоуправа во член 27, ставовите 4 и 5, ја пропишува процедурата за носење буџет на општина, а со тоа и на град Скопје.

-Дополнително, според буџетскиот календар најдоцна до 20 октомври 2024 година до Совет на град Скопје требаше да се достават за одобрување предлог-Програми за развој, кои Советот требаше да ги одобри најдоцна до 15 ноември, по што тие стануваат составен дек на буџетот. До ден-денес градоначалникот Арсовска нема до Совет доставено предлог-Програми за развој, информира Славески.

Претседателот на градскиот совет оценува дека Арсовска треба да сноси одговорност за, како што вели, ваквото несовесно и неодговорно работење кое може да предизвика целосна блокада во функционирањето на градот.

Се огласија и од Градот Скопје. Го прашаа Славески дали ќе побара одговорност од градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Кулминација на незнаењето на Трајко Славески. Господине Трајко, сакајќи кај твојот шеф Мицкоски да се оправдаш за штетата која ја правиш од твоето елеметарно непознавање на законите кои го тангираат градот и општините, не само себеси што се ставаш во незгодна ситуација, туку и трајна штета им правиш на градоначалниците од редовите на ВМРО ДПМНЕ, кои иако имаат буџетски календар изгласан од Совет, немаат предлог буџет доставено, а рокот им бил до вчера.

Ќе побараш ли од нив одговорност Трајко?

Или да почекаме што стратегија ќе направите да се извадите и од овие глупости во кои сами се вовлековте од незнаење, со единствена цел да наштетите некому а преку тоа на цел град, за ситни политички поени“, се вели во реакцијата на одделението за односи со јавност на Град Скопје.

Претходно советникот Кирков кажа дека Арсовска не поднела предлог буџет за 2025 година во законски предвидениот рок, кој истече, со што на Град Скопје му се заканува целосна блокада.

Арсовска стана градоначалничка на Скопје како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, а беше поддржана и од Алијанса за Албанците. Во средината на септември 2022 година „пукна“ довербата меѓу неа а и лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Одлучи да ги разреши Секретарот на Град Скопје Ѓоко Велковски, како и в.д директор на ЈП „Водовод и канализација“ од функциите, а тие пак добија поддршка од Мицкоски. Таа ги обвини за несовесно постапување за тендерот за пречистителна станица. Мицкоски велеше дека чесно работеле.

Слични содржини