Европската ракометна федерација (ЕХФ) побара покренување на судски постапки против Алкалоид и АЕК Атина поради неодиграниот реванш меч од финалето во Европскиот куп. Натпреварот не се одигра бидејќи гостинскиот тим од Грција не излезе на терен поради конфликт со нивните навивачи.
ЕХФ ги достави сите релевантни информации до своите правни тела, вклучувајќи и детали за дистрибуцијата на билети од страна на Алкалоид и одбивањето на АЕК да игра. Двата клуба се повикани да дадат свои изјави, а конечната одлука ќе биде донесена по разгледувањето на случајот. Понатамошни информации ќе следат по завршувањето на постапката.
Соопштението од ЕХФ:
„Европската ракометна федерација во вторник ги предаде сите релевантни информации што ги поседува на своите правни тела и побара покренување на судски постапки против клубовите РК Алкалоид и АЕК Атина.
Овој чекор беше преземен откако реваншот од финалето на Европскиот куп за мажи на ЕХФ помеѓу двата клуба во недела на 25 мај, беше откажан. Информациите што ЕХФ ги достави до судските тела, меѓу другото, се однесуваат на дистрибуцијата на билети на гостинските навивачи од страна на РК Алкалоид во пресрет на натпреварот, како и на одбивањето на АЕК Атина да влезе на теренот за почетокот на натпреварот.
Од двата клуба е побарано да ги достават своите изјави, односно информации од нивна страна, за да бидат разгледани од судските тела. Понатамошна комуникација ќе биде обезбедена само откако ќе се донесе конечна одлука“, стои во соопштението на ЕХФ.