Десетици илјади луѓе повторно протестираа во петокот во неколку муслимански и арапски земји против Франција за карикатурите на пророкот Мухамед.
Протестите избувнаа по изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон, коj се залага за слободата да се прикажуваат карикатури на пророкот Мухамед, откако муслиман во близина на Париз обезглави наставник кој покажуваше такви на час по слободен говор.
Според толкувањето на исламот, секое прикажување на пророкот Мухамед е забрането.
Во петокот, најголемите протести се одржаа во Бангладеш и Пакистан, но исто така и во Индија, Блискиот исток и земјите од Магреб, според АФП.
Во Дака, каде се распоредени дополнителни безбедносни сили околу француската амбасада, повеќе од 40.000 демонстранти маршираа по улиците, според независните набудувачи и организаторите на митингот.
„Сите ние сме војници на пророкот Мухамед“, скандираа тие откако ја напуштија неделната молитва во најголемата џамија во земјата, Бајтул Мукарам.
Демонстрантите повторно повикаа на бојкот на француските производи и на „казна“ за Макрон. Француските знамиња и фотографиите на Макрон беа палени.
„Франција навредува милијарди муслимани во светот. Претседателот Макрон мора да се извини за неговите злосторства“, рече Гази Атаур Рахман, висок функционер на една од најголемите исламистички партии во Бангладеш.
Франција очекува нови напади
Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дамарнин во петокот рече дека Франција е вклучена во војната против идеологијата што ја нарече исламистичка и најави дека може да се очекуваат уште милитантни напади на француско тло.
Дамарнин зборуваше ден откако еден напаѓач вооружен со нож извикувајќи „Алах Акбар“ (Бог е најголемиот) обезглави една жена и уби уште две лица во црква во Ница пред да биде ранет од полицијата и да биде однесен.
Судски извор рече дека 47-годишен маж бил приведен во четвртокот наутро под сомнение дека бил во контакт со напаѓачот.
Главниот обвинител за борба против тероризмот Жан-Франсоа изјави дека човек осомничен за извршен напад е Тунижанец роден 1999 година, кој пристигна во Европа на 20 септември од Лампедеуза, главната влезна точка за мигрантите од Африка.
Осомничениот е во болница, во критична состојба, рече тој.
Неколку часа по нападот во Ница, полицијата застрела маж кој со пиштол им се заканувал на минувачите во малото гратче Монтфавет, близу Авињон.
Францускиот весник „Фигаро“ пренесува изјава од судски извор дека убиениот бил на психијатриско лекување и дека не веруваат дека мотивот е терористички.
Градоначалникот на Ница, Кристијан Естроси, рече дека нападот врз црквата Нотр Дам во неговиот град е сличен на оној во Париз пред две недели во кој беше обезглавен професорот Самуел Пети кој на ученици им покажа карикатура на пророкот Мухамед.
Нападите во четвртокот беа извршени на роденденот на пророкот Мухамед, во време на зголемен гнев кај муслиманските земји во врска со инсистирањето на Франција на правото да ги објавува овие карикатури.