Тензиите продолжуваат на границата меѓу Грција и Турција. Ројтерс соопшти дека повторно е испукан солзавец од турската страна кон грчката граница на преминот Кастањес.
Дописниците на Ројтерс објавија дека грчките сили се обидуваат со водените топови да ги спречат мигрантите од движење кон границата. По ова следувало фрлање на солзавец од страна на турската страна.
„Нападите се координирани со беспилотни летала“, рече грчки владин претставник кој рече дека турската полиција сакала да им помогне на мигрантите да ја преминат границата.
Сепак, Турција рече дека било какво пукање со солзавец е одговор на солзавецот од грчката страна.
„Зошто Турција би пукала солзавец кон грчката страна? Грција пука со солзавец врз нас. Ние само одговараме на тоа“, рече турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сулу.
И во средата, Грција објави видео во кое се тврди дека турската полиција пука солзавец на границата со Грција.
Илјадници мигранти кои сакаат да влезат во Европската унија се наоѓаат на граничниот премин Кастањес. Атина, која има поддршка од Европската унија, ја обвинува Анкара дека намерно ги охрабрува мигрантите да влезат во Грција.