Шпанската полиција запленила три пликоа, адресирани до украинските конзулати во Мадрид, Барселона и Малага.
Во пликоата наводно имало животински очи, изјави портпаролот на министерството за надворешни работи на Украина, Олег Николенко, пренесува РИА Новости.
„Шпанската полиција од пошта запленила три пликоа за кои се верува дека содржат животински очи, а кои биле адресирани до Амбасадата на Украина во Мадрид, Генералниот конзулат во Барселона и Конзулатот во Малага“, напиша Николенко.
Покрената е истрага.
Тој додаде дека досега имале вкупно 21 случај на закани кон украинските амбасади и конзулати во 12 земји.
Ова е продолжение на заканите кон украинските конзулати во Шпанија, откако минатата недела беа испратени пратки до украинската амбасада во Мадрид, до производител на оружје и други институции, додека еден плик беше упатен до премиерот Педро Санчез.
Николенко минатата недела објави дека пакетите, натопени во течност со карактеристична боја и мирис, биле испратени до амбасадите на Киев во Хрватска, Унгарија, Холандија, Полска и Италија, генералните конзулати во Неапол и Краков и конзулатот во Брно.