Пеп Гвардиола минува низ еден од најтешките периоди во својата блескава тренерска кариера. Актуелниот шампион на Англија доживеа неочекуван пад – моментално се на седмото место во Премиер лигата со дури шест порази, додека мака мачат во Лигата на шампионите и нивниот пласман во нокаут фазата е сериозно доведен во прашање.
Но, повеќе од резултатите и личните и клупските негативни рекорди со Манчестер Сити, вниманието привлече изгледот и однесувањето на Гвардиола на крајот од минатиот месец.
Откако за првпат во својата тренерска кариера загуби пет натпревари во низа, се чинеше дека конечно ќе ја прекине серијата на домашен терен против Феенорд во петтото коло од Лигата на шампионите. До 75. минута водеа со 3:0, но по големите грешки на Јошко Гвардиол и Едерсон, гостите успеаја да израмнат на 3:3.
На прес-конференцијата по натпреварот Гвардиола се појави со крвава расекотина на носот, бројни црвени гребаници и модринки на главата. Кога новинарите го прашале од каде му се повредите, тој одговори: „Со ноктот си го пресеков носот“, а потоа со насмевка додаде: „Сакам да се повредувам“ и ја напушти конференцијата.
Ваквиот негов настап и необично објаснување предизвика бурни реакции во јавноста. Гвардиола набрзо се извини, нагласувајќи дека не му била намера да се потсмева на проблемот со самоповредување, кој го нарече сериозен социјален предизвик.
За дополнително да ја разјасни ситуацијата, Гвардиола подоцна изјави: „Модринки на главата се резултат на проблем со кожата. Веќе две-три години пијам антихистаминици за состојбата. Го повредив носот со ноктот, но гребаниците на главата не се резултат на самоповредување“.
Познатиот шпански новинар Гилем Балаг, близок до Гвардиола, откри дека исеченицата на носот навистина е резултат на нокт, но дека тензијата поради расправијата со десниот бек, Кајл Вокер ја влошила ситуацијата уште повеќе.
„Гвардиола има навика да ја чеша главата, особено кога е нервозен. Обично ништо не се случува, но тој ден имал премногу остар нокт. Ако се сеќавате, тој го започна натпреварот со фластер на носот, бидејќи ден претходно имаше жестока дискусија со Вокер за позиционирањето на теренот. По натпреварот, во соблекувалната, тој повторно почна да ја чеша главата“, изјави Балаг.
„Тоа беше еден од оние денови кога покажа колку е напнат. Гвардиола често се сомнева во себе и секогаш има потреба од поддршка“, заклучи новинарот.