По испаѓањето од Лигата на шампионите, Реал Мадрид во недела од 20 часот гостува кај Атлетик Билбао. Тимот на Карло Анчелоти заостанува четири бода зад лидерот Барселона, со која следниот викенд ќе го игра „Ел Класико“ на седум кола до крајот.
Анчелоти е на удар по испаѓањето од Европа и фактот дека Реал може да ја заврши сезоната без трофеј. Реал се уште е „жив“ во Кралскиот куп, но не му оди најдобро во првенството.
„Она што најмногу боли е што се доведува во прашање клубот кој освои речиси 30 трофеи во последните десет години. Тоа звучи како лага. Немам што да им замерувам на играчите, можам само да им се заблагодарам“, изјавил Анчелоти.
Новинар го прашал дали ќе ја преземе бразилската репрезентација на лето и зошто одолговлекува со таа одлука.
„За тоа ќе зборуваме по сезоната. Ќе разговарам со клубот, а не со тебе“, малку налутено изјавил Италијанецот на прес-конференцијата пред мечот против Атлетик Билбао.