Новинарот Дане Илиќ утринава одби да ги уредува и води Утринските вести на Радио телевизија на Србија, откако студентите ја блокираа зградата на РТС.
Како што јави агенцијата ФоНет, Илиќ исто така одбил да влезе во зградата на јавната телевизија под придружба и преку „помалку познати премини“. На претпоставените им порачал дека „оние кои ја собираат публиката треба да застанат пред камерите“.
Синоќа во 23 часот студентите ненадејно ја блокираа зградата на РТС со најава дека акцијата ќе трае 10 часа. Нивниот револт го предизвика новинарката на РТС, Бојана Млаѓеновиќ, која учесниците на студентскиот протест ги нарече „толпа“ додека зборуваше со српскиот претседател Александар Вучиќ на централната информативна програма Дневник.
Наместо Илиќ, Утринските вести ги уредуваше и водеше Николина Ракиќ, која претходно цела ноќ ја помина во зградата на РТС.