Новинарот Адеми ги отфрла обвинувањата: Премиере, станувате причина за бројни закани од македонски граѓани што ги добивам преку СМС-пораки

„Никому не сум се заканувал, никого не сум навредил и никогаш не сум имал намера да се заканувам“, вели новинарот за случајот со министерката Јаневска

од Nikola Popovski
28 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Новинарот Невриј Адеми ги отфрли обвинувањата дека со заканувачки и навредлив тон ѝ се обрати на министерката за образование и наука Весна Јаневска кога пред неколку дена на настан во Тетово ѝ се обрати со зборовите „Ти кажавме кога ќе доаѓаш во Тетово да земеш преведувач“.

Тој во објава на Фејсбук адресирана до премиерот Христијан Мицкоски вели дека обвинувањата кон него се обид да се одвлече вниманието од суштинскиот проблем.

„Неприфатливо е јавен функционер, избран со гласови и платен со даноци на граѓаните, да избегне одговорност да комуницира на јазик на секој граѓанин на оваа земја. Моето барање е едноставно и фер: почит кон мајчиниот јазик – албански“, пишува, меѓу другото, Адеми во својата јавна објава.

Тој додава дека нема да замолчи пред неправдата и да се повлече од своето барање за еднакви права.

„Драг премиере, станувате причина за бројни закани од македонски граѓани што ги добивам преку СМС-пораки. Затоа, одговорноста паѓа на вас“ се вели во објавата на Адеми.

Вчера премиерот Христијан Мицкоски повторно го спомна Адеми, овој пат од собраниската говорница, при одговор на прашање на пратеникот Скендер Реџепи-Зејд.

-Дури и се трудам да го учам и да го научам. Се надевам дека за некоја година од денеска, ќе можам да не ги користам слушалките и ќе можам да го разберам тоа што го кажувате. Мислам дека преводот не е соодветен на тоа што го кажувате, колку толку имам познавање на некои од речениците. Ако вие алудирате на прашањето на новинарот кон министерката за образование, тоа е сосема друго. Ако сакате, можеме и за тоа да зборуваме. Прво, беше непристојно на дама, така некој да ѝ се обрати, без разлика дали е на албански или македонски. Второ, жената е ожалостена бидејќи сопругот ѝ почина неодамна и е во црнина и не е добро така некој да ѝ се обраќа. Треба некои елементарни работи да ги почитуваме, човечки се. Тука нема врска Албанци, Македонци, Шпанци…Наместо да се извини, тоа младо момче продолжува со дообјаснување. Но, во ред, некој некогаш ги учи работите по потешкиот пат или полесниот, некој на туѓите грешки, рече Мицкоски.