Истекува вториот ден од официјалниот почеток на изборната кампања за локалните избори. Гледаме растрчани кандидати за градоначалници, партии, невладините организации. Сликата е хаотична, вели за „Локално“ долгогодишниот новинар и добар познавач на политичките прилики во Македонија Љубомир Костовски. Тој смета дека нема разлика меѓу официјалниот старт на изборната кампања и она што се случуваше претходно, бидејќи таквата состојба е постојана.
-Единствената разлика е што сега гледаме многу лица, многу партии и најразлични невладини здруженија со задскриени намери. Сето тоа предизвикува конфузија на политичката сцена. Веќе се гледа дека намерата на одредени „независни“ кандидати е да работат за една партија земејќи ги гласовите од друга партија. Наводно имаме кандидатка која се декларира како „независна“, за потоа отворено да вика „мојата партија ми забрани да зборувам за политика“. Сега откриваме дека таа кандидатка постојано била опозиционерка, башка со таквата реторика открива дека нема никакво животно искуство. Претпоставувам дека ќе влезе во вториот круг, бидејќи во моментот многу лажни кандидати работат на тоа. Чудно е и како тоа една независна кандидатка може да направи толку многу изборни спотови, вели Костовски.
Според Костовски на овие локални избори необична е и појавата на „естравизација“, однсоно на појавата на кандидати од естрадата кои воопшто немаат свои кампањи.
„Говорат дека биле „чесни“, без да понудат програми. Баш напротив ова се локални избори треба да ги кажат своите планови со кои ќе им го олеснат животот на граѓаните. Смешни се и кандидатите кои излегуваат со невоможни понуди. На пример, се нуди бесплатен автобуски превоз за сите граѓани. Толку е очигледно дека вие нудите нешто за кое знаете дека немате средства за да го остварите. Замислете сите да се возат без пари. Колку автобуси ќе ви требаат, и секако во секое време ќе бидат пренатупани со случајни минувачи“.
Костовски вели дека граѓаните многу внимателно треба да ги „читаат“ кандидатите бидејќи меѓу нив има и таки кои се „уфрлени“. Нивната цел, вели тој на некој начин е постигната, бидејќи со толкав број на кандидати се отежнува правилната селекција на граѓаните.
– Видовме ситуација кога кандидатот на Левица, кој тврди дека се натпреварува за Левица, говори дека „ќе гласа за друг кандидат“, па потоа зборува нешто друго, дека „ќе гласа за трета партија“. Не слушнавме за што тој се залага за граѓаните да можат за него да гласаат. Јавноста се сомнева дека зад сето тоа стои стратегија за одвлекување на внимнието на граѓаните за да им се помогне на послабите канидати за да влезат во вториот круг. Мислам дека толкав број на кандидати е измислица на опозицијата, за да може „независната“ кандидатка која тие ја поддржуваат да влезе во вториот круг. ВМРО-ДПМНЕ и во минатото не можеше да најде кандидат во своите редови. Таков беше случајот и со Трифун Костовски, кој стана градоначалник, ми се чини со 90.000 гласови. Кога граѓаните ќе ги земат избирачките листови, и кога на нив на пример ќе видат 18 партии едноставно ќе се збунат, ќе има грешки, односно многу случајни заокружувања на имиња и партии за кои тие не сакале да гласаат. Луѓето не ги знаат кандидатите бидејќи на митинзите во прв план ги гледаат шефовите на партиите. Кандидатите за градоначалници се невидливи а уште помалку носителите на листите. Ги нема никаде. Гласаат за СДСМ или за ВМРО-ДПМНЕ, како да се парламентарни избори, вели Костовски.
Костовски смета дека и постојаната игра на ЛДП и на ДОМ на било кои локални избори до сега, да се пробуваат сами, а потоа за парламентарни избори да се враќаат во коалициите од каде што претходно излегле, не е во ред. Тие така го раздробуваат гласачкото тело и дозволуваат да се појават маргиналци кои биле производ на случајност. Како таква ја посочуваат кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Центар, за која вели дека освен два – три реда, на конкретна тема, граѓаните не слушнале ништо друго. Од кандидатката за градоначалник на „Зелените“ очекува да каже како Скопје ќе го направи еколошки град, а не само дека ќе сади дрвја.
Според Костовски отсуството на жени на овие локални избори е скандалозно, бидејќи има само 8% жени во кампањата и тоа најчесто за градските совети. Со мали исклучоци, (двете независни кандидати за градоначалнички на Скопје), тој вели дека сите други се од СДСМ. Посочува дека во тој поглед ДУИ се катстрофа, бидејќи освен Теута Арифи за Тетово од нивните редови нема ниту една друга кандидатка за градоначалник Албанка.
-Мислам дека граѓаните се ставени во позиција да бираат меѓу оној кој е најмалку лош, вели Костовски.
За само два дена Костовкси посочува дека видел силни гафови но и кандидати со судски пресуди. Како пример ги посочува кандидатите на опозициската партија за Гази Баба и Крушево но и дека не слушнал од никого да ги „нападне“ како такви. „Смешно е повторувањето на зборовите „домаќин“, „проверен“, кога некој бил осудуван“. Костовски вели дека Државната изборна комисија кога ги прима документите, мора нешто и да сработи, барем на избори да не можат да учествуваат осудени кандидати за градоначалници.
Б.Т.