Новиот директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Петар Богојески, пријавил големо богатство во анкетниот лист до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), јавува 24 info.mk. Тој поседува 11 биткоини со вредност од околу милион евра, како и 129 етериуми купени во Србија за 125.000 евра.
Покрај криптовалутите, Богојески има и сметка во Бугарија, за која нема информации за состојбата. Во 2012 година купил стан со гаража во Карпош вреден околу 278.000 евра, а годинава земјоделско земјиште во Ракотинци проценето на 26.000 евра. Минатата година купил и нов SUV модел „Фортинг T5EBO“ за 30.000 евра.
Директорот има 61% удел во компанијата „ДТУ Бегова Корија“ која стопанисува одморалиште вредно 550.000 евра, како и влог од 5.000 евра во фонд за менаџмент. Пријавил и странски вложувања, вклучувајќи 50.000 евра во американски валутен фонд и осигурувања вредни 15.000 евра. Неговиот семеен круг има дополнителни осигурувања и акции во банка во САД.
Богојески поседува девизни сметки во евра и долари, два персонални сефа, девизна готовина од 120.000 евра, како и златен накит и икони од благородни метали проценети на околу 60.000 евра.