Новиот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Горан Николовски, денеска ја претстави својата мисија и визија пред колегите и пред јавноста, со цел, како што рече, создавање нова служба согласно европските стандарди.

– На оваа позиција доаѓам во време кога сликата за УБК е нарушена и перцепцијата на јавноста е негативна, а со тоа и за сите нејзини припадници. Состојба која значи перманентна критика како од јавноста, така и од меѓународната заедница. Но уверен сум дека со заеднички напори ќе успееме да ја промениме досегашната слика за УБК. Затоа сите ние, треба заедно да покажеме дека можеме и знаеме како УБК да ја врати почитта, професионалноста за која сите ние со децении се залагаме.
Случаите на непрофесионалност и злоупотреба треба да бидат минато, свесен сум дека пред нас е период на големи предизвици и реформи, кои најнапред ќе значат инвестиција во самите себе, а на тој начин ќе создадеме служба на здрави основи, која ќе биде подготвена да одговори на сите современи безбедносни закани и ризици создавајќи поволен амбиент за просперитет на нашата држава и нашите граѓани.
Свесен сум дека сме исправени пред сериозен и тежок предизвик, кој уверен сум дека успешно ќе го надминеме, нè очекува напорен период кој ќе бара сериозна посветеност и висок професионализам на сите припадници, период во кој нема да има простор за компромиси. Поради тоа, ја барам вашата поддршка и ве поттикнувам на професионално и тимско работење, иницијативност и креативност што е основен услов и гаранција за успех.
Заеднички успех ќе биде создавањето на департизирана, модерна, независна, професионална, добро опремена, обучена и ефикасна Служба, во согласност со европските стандарди и под демократска контрола. Нашиот приоритет треба да биде создавање безбедна држава за нашите граѓани преку почитување на демократските вредности и човековите права, а единствено на тој начин ќе го вратиме угледот на службата како респектиран и сериозен партнер во меѓународната безбедносно разузнавачка заедница, која ќе биде достојна за почит и со која сите ќе се гордееме – рече Николовски.