Новиот градоначалник на Кочани, Венко Крстевски во својата прва прес-конференција вели состојбата во локалната управа и во самата општина е алармантна.
– Затечена е хаотична состојба со нецелосни проекти. Таква е и во комуналното претпријатие, не се знае дали имаме директори, немаме технички директор. Катастрофална е и состојбата со човечките ресурси и во пожарната, потребниот минимум е 32 пожарникари а ние имаме 16. Едноставно целата ситуација е таква каква што е, вели новиот в.д. градоначалник Венко Крстевски.
Додаде дека локаните градежни инспектори се предмет на истрага и не е сигурен колку тие функционално можат да си ја извршат својата работа.
– Немаме ниту инспектор за домување. Ни недостигаат што е можно повеќе човечки ресурси и секоја помош ќе биде добредојдена. За жал имаме многу дивоградби и фокусот ќе биде градежниот инспекторат, рече Крстевски.