Новиот командант на Револуционерната гарда на Иран, генерал-мајор Мохамед Пакпур, со остар тон и закани се обрати до Израел по убиството на неговиот претходник, Хосеин Салами, во последните израелски напади. „Крвта на нашите команданти, научници и цивили нема да остане неосветена. Портите на пеколот наскоро ќе се отворат за овој режим што убива деца“, изјави Пакпур, според иранската новинска агенција ИРНА.
Пакпур, роден во 1961 година во градот Арак, е долгогодишен член на гардарата. Тој има докторат по политичка географија, и зад себе носи богато искуство во командување со воени операции, особено во нестабилните региони на Иран.
Од самиот почеток на неговата кариера, по револуцијата во 1979 година, тој беше активен во борбите против вооружени групи, а подоцна и на фронтот во Ирано-Ирачката војна. Важи за командант кој стекнал репутација преку директно учество на боиштата и лојалност кон системот на Исламската Република.
По војната, тој постепено се искачи во хиерархијата на Револуционерната гарда, а од 2009 година раководеше со копнените сили. Под негово водство се спроведе сериозно модернизирање на иранската воена доктрина, а особено беше активен во координација на акциите против ИСИС, вклучувајќи ги нападите на иранскиот парламент и мавзолејот на имамот Хомеини во 2017 година.
Европската унија го санкционираше во 2021 година, заедно со други високи функционери на Гардарата, што Техеран го оцени како политички мотивирана одлука без основа. Аналитичарите проценуваат дека токму назначувањето на Пакпур е јасен сигнал дека Иран се подготвува за посилен одговор на надворешните притисоци, особено од Израел и САД.
#Iran Leader appointed Army Commander Abdolrahim Mousavi as new Chief of Staff of Iranian Armed Forces.
Mohammad Pakpour appointed as new Chief Commander of IRGC.
Ali Shadmani has also been appointed as Commander of Central Khatam Al-Anbiya Headquarters.#IranUnderAttack pic.twitter.com/IFt3jlZyCQ
— Iran's Today (@Iran) June 13, 2025
Во меѓувреме, иранското Министерство за надворешни работи ја повика швајцарската амбасадорка во Техеран, која ги претставува интересите на САД во земјата, за да ѝ врачи официјален протест. Иран ги обвини САД за соучество во израелските напади, предупредувајќи дека секој обид да се запре иранската одмазда ќе се смета за директно непријателство.
„Нема сомнеж дека без координација или барем премолчено одобрение од Вашингтон, ваквите акции на Израел не би се случиле. САД ќе сносат одговорност за последиците од ова агресивно и нелегално однесување“, соопштија од Техеран.
Ситуацијата во регионот останува напната, а светската јавност со внимание го следи следниот потег на Иран.