Реформите во безбедносниот сектор и членството на Македонија во НАТО биле фокус на средбата на премиерот Зоран Заев со новоименуваниот шеф на Канцеларијата за врски на НАТО во Македонија Зоран Јанковиќ.
Претставникот на НАТО ги поздравил храбрите чекори кои актуелната Влада ги презема во поглед на имплементирање на реформите и подготвеноста на земјата да стане дел од Алијансата, соопштија од Владата.
Јанковиќ, изразил уверување дека успешната соработка со Владата на РМ ќе продолжи, подвлекувајќи дека тој и експертите во Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје се отворени за континуирана соработка на највисоко ниво.
На средбата, Заев го запознал претставникот на НАТО со политичките настани во земјата, истакнувајќи дека неговото стапување на должност е во време кога граѓаните на Македонија ја пишуваат својата историја и дека политичките прашања се затворени и земјата е подготвена да продолжи кон исполнување на евроатланските аспирации.
Заев, се вели во соопштението од владината прес-служба, истакнал дека Владата и граѓаните на Македонија се посветени на исполнување на реформите, кои се значајни за евроинтеграциите и за влез во НАТО. Тој подвлече дека останува посветеноста земјата да го одржи континуитетот на процесите кои веќе забрзано ги исполнува, меѓу кои и учеството на Македонија во операциите, мисиите, предводени од НАТО, оценувајќи ги како важен дел за безбедноста на државата, за регионот и пошироко, за исполнување на конечната цел, во 2019 да станеме членка на НАТО.