Новоизбраниот шеф на Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција Ислам Абази најавува дека ќе биде имун на влијанието на политичките, лоби и бизнис групите во неговата работа.
Тој денеска за првпат вчера излезе пред медиумите за да им заблагодари на колегите за довербата што ја добил.
Иако е родум од Зајас, родното село на лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, тврди дека немал лични контакти со него или со функционери на ДУИ, но сепак остави простор дека можеби се сретнале или се дружеле, затоа што дружењето за обвинителите не било забрането.
-Не е точно дека сум во блиски релации со Али Ахмети. Јавнообвинителската функција е неспоива со вршење на друга јавна функција и членување во политичка партија, па според тоа никогаш не сум бил, ниту сум член на било коа политичка партија, ниту пак во моето досегашно работење јас сум оставил впечаток дека сум имал одредени релации или позиции со одредена политичка партија. Може сме се сретнале (со Али Ахмети), но лични контакти немам, немам со никој од ДУИ, рече Абази.
Освоените 66 гласа од колегите јавни обвинители, Абази рече дека се голема одговорност и мотив, колку што може подобро и професионално да раководи со ова, како што рече, најважно јавно обвинителство кое во својата надлежност ја има борбата против организираниот криминал и корупција.
Абази својата кариера ја почнува од јавен обвинител во ОЈО Кичево, потоа пет години во Вишо јавно обвинителство и четири години е раководител на Вишото јавно обвинителство Гостивар и смета дека со своето досегашно искуство и работа професионално и законито ќе го претставувам и ОЈО ГОКК.
Како свој приоритет, Абази најави пополнување на празните обвинителски места и на слободните места во истражниот центар, и да се воведе дигитализација во јавното обвинителство.
Со гласањето на неговите колеги на непосредни избори првпат беше избран главен обвинител на најважното обвинителство во државата.
Во трката имаше уште тројца обвинители, меѓу кои и претходната шефица на Обвинителството, Вилма Русковска.