Претседателот на аргентинскиот клуб Сан Лоренцо, Марсело Морети, откри дека новиот стадион на клубот ќе го носи името на Папата Франциск. Папата почина вчера, а беше познат како голем навивач на Сан Лоренцо, аргентински клуб од кој имаше членска книшка.
„Денес е многу тажен ден за сите, особено за мене како претседател на Сан Лоренцо. Имав многу приврзан однос со Папата Франциск. Првпат го сретнав во Рим во 2016 година, кога Сан Лоренцо одигра пријателски натпревар на „Олимпико“. Последен пат се видовме во септември 2024 година, кога го посетив како институционален претставник. За време на таа посета му донесов многу подароци од клубот и побарав дозвола новиот стадион што ќе го изградиме во населбата Боедо да го носи неговото име, Папата Франциск. Тој со големи емоции ја прифати таа идеја. Тој ден потпиша симболичен дрес од клубот, парче облека што сè уште го чуваме. Кога стадионот официјално ќе биде отворен, ќе го изложиме за сите навивачи да можат да уживаат во тој спомен. Мојот последен контакт со Папата беше неодамна, пред еден месец му испратив писмо во кое му напишав дека се молам за неговото здравје. Следниот натпревар ќе го играме во дресови посветени на него“, изјави Морети.
Да потсетиме дека Сан Лоренцо го игра следниот натпревар против Росарио на 26 април, со почеток во 22:00 часот.