Стопанската гранка која директно обезбедува 10.000 работни места, а индиректно дури 70.000 е пред гасење! Десетици илјади вработени во индустријата на игри на среќа чекаат исход од политичките игри околу носење на новиот закон кој воведува задолжително растојание од 500 метри помеѓу уплатно-исплатните места и образовните институции.
Овој популистички обид за измена на законот нема никаква врска со заштита на малолетниците, туку е параван за срамното работење со кое се штитат интересите на албанските партии, кои на тој начин преку црниот пазар би ги финансирале своите програми и политички цели надвор од државниот тек. Таква ситуација веќе се има случено во Албанија и Косово, а истото сценарио сега се спрема и во нашата земја.
Новиот закон за игри на среќа, неминовно ќе доведе до цветање на црниот пазар, каде не постои можност за заштита на играчите, ниту малолетниците. Под изговор дека се штитат интересите на малолетниците, со воведување на растојание помеѓу овие објекти и образовните институции, всушност децата се туркаат во илегалното обложување кое би им било на дофат на рацете!
Среде криза заради коронавирусот, Македонија би можела да остане без стотици милиони евра кои со оваа одлука би се одливале на странски сајтови за обложување! Од индустријата на игри на среќа живее 10 одсто од населението на државата, а приредувачите годишно уплаќаат 280 милиони евра во државниот буџет и буџетите на локалната самоуправа.
Очигледно е дека одредени интересни групи работат и против здравствениот и против економскиот систем на земјата. Со усвојување на новиот закон компаниите од оваа стопанска гранка би исчезнале од мапата на Македонија, што би оставило несогледливи последици врз државата и општеството. Ограничувањето на правото на работа низ некои луди законски одредби, би довело до кршење на уредбата за заштита на странски капитал и право на инвеститорите и директна штета за државата, која би морала да плати отштета од неколку стотици милиони евра.
Граѓаните повторно ќе бидат драстично оштетени доколку било што од новиот закон се усвои во интерес на политички предизборни договори и поединци.
Со воведувањето на било какво минимално растојание на уплатно-исплатните места од образовните институции, на приредувачите на игри на среќа директно би им се одзело правото на континуитет на работење и деловни активности стекнати врз основа на законот. Инвеститорите мора да уживаат целосна правна заштита и сигурност, нивните права стекнати за време на инвестицијата не смее да бидат одземени, поништени или ограничени со какво било следно изменување и дополнување на законите и подзаконските акти.
СÈ Е РЕГУЛИРАНО СО ПОСТОЕЧКИОТ ЗАКОН
Во постојниот Закон за игрите на среќа прашањето за забрана на учество на малолетници веќе е строго пропишано со членот во кој се вели: „лицата под 18 години не може да учествуваат во игрите на среќа“ и дополнително со став 3 од истиот член според кој: „на лицата помлади од 18 години не им е дозволен влез во казино, во простории во кои се организира томбола од затворен тип, во обложувачници и во автомат-клубови“.