Новиот законски предлог предвидува попишување на три категории на граѓани

од Берта Китинска
321 прегледи

Законот ќе попишува три категории на граѓани, едната е вкупно граѓаните, вториот дел се однесува на граѓани резиденти-сите граѓани кои живеат во државата или не се иселени повеќе од една година и трета категорија на граѓани кои се попишуваат,а се иселени повеќе од една година, изјави премиерот Зоран Заев.

Премиерот изјави дека се прават напори предлозите на опозицијата што се однесуваат на Законот за попис да бидат прифатени, посочувајќи дека опозициските партии во овој процес биле вклучени повеќе од една година и половина.

-Попис ќе има идната година во април бидејќи тоа е неопходно за развојот на државата.Пописот не смее и нема да зависи од волјата на политичките партии и лидери.Пописот, како статистичка операција, според највисоките стандарди на ЕУ, ќе го организира и спроведе Државниот завод за статистика кој за пилот фазата ги доби највисоките оценки.Нашите граѓани чекаат попис речиси две децении, оваа шанса нема да ја пропуштиме. Сѐ е подготвено, а развој е можен само со точни статистички податоци, напиша Заев на својот Фејсбук профил.

Пендаровски не гледа ништо спорно во предлогот на опозицијата

Претседателот на државата Стево Пендаровски не гледа ништо спорно во предлогот на опозицијата да се обезбедат терминали за отпечатоци на прст за пописот доколку со тоа се даде поголема веродостојност на самата статистичка операција, но смета дека нема доволно време.

– Ако тоа е прифатливо за да имаме поголема валидност на тој попис, зашто да не, само се плашам, знаејќи ги нашите тендерски постапки, а имаме само три ипол месеци до практичното отпочнување, дека можеме да ги набавиме тие апаратчиња. Не гледам проблем во предлогот, туку во тајмингот, истакна Пендаровски во вчерашното интервју за Јавниот сервис.

Во однос на европското знаменце со кое е поднесен законот за попис, Пендаровски вели дека не е важно дали законот има европско знаменце или не, најважна е политичката волја дали може сите да се усогласат што е витален државен интерес.

– Законот за попис уште не е усвоен. Јас би сакал да го видам неговиот конечен облик. Не е важно дали има европско знаменце, важно е да има политичка волја и дали можеме да се усгласиме што е витален национален државен интерес, рече Пендаровски.

ВМРО-ДПМНЕ вели дека власта сака да спроведе талибански попис

Зоран Заев е нервозен затоа што ВМРО-ДПМНЕ го фати во обид да го фалсификува пописот, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

-Заев сака да спроведе талибански попис, како што организираше талибански избори. Заев не кажува ни по која методологија ќе се прави пописот и ја држи во незнаење и јавноста, но не ги прифаќа ни предлозите на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ бара Заев да ја сфати сериозноста на статистичката операција попис и да го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за набавка на 10.000 терминали за отпечатоци од прст со кој ќе се спроведе вистински попис и ќе имаме реална слика, стои во соопштението.

Во Македонија последниот попис се одржа во 2020, пред 18 години. Законот за попис е во собраниска процедура, а се очекува пописот да се спроведе во април следната година.

Слични содржини