Новите судии во Апелација положија заклетва

од Nikola Popovski
226 прегледи

Новоизбраните судии во Апелациониот суд Скопје дадоа свечена изјава пред Судскиот совет на Република Северна Македонија.

Судскиот совет на седница на 15 ноември ги избра Габриела Гајдова, Александра Ристевска, Весна Димишкова и Осман Шабани за судии од кривична област и Александар Шопов, Ирена Костадинова Ангелова, Наталија Донева и Илир Сулејмани за судии од граѓанската област во Апелациониот суд Скопје.

Изборот беше проследен со низа реакции од експертската јавност. Реагираше и судијката Оља Ристова од Кривичниот суд Скопје која беше една од кандидатите за судии од кривичната област во скопска Апелација. Таа беше треторангирана на конечната ранг-листа за избор на апелациски судии од кривичната област, но не го доби потребното мнозинство од членовите на Судскиот совет и не беше избрана за судија во Апелација.

На огласот за осум позиции во Апелациониот суд имало вкупно 45 кандидати, од кои 21 кандидат за четири судии за граѓанска област и 24 кандидати за четири судии од кривична област.

Седницата за избор на апелациони судии беше во време кога со Судскиот совет претседаваше Сашко Георгиев, кој дојде на местото на Весна Дамева, која беше разрешена од функцијата претседателка на Судски совет во април минатата година, кога нејзиниот заменик Селим Адеми, побара да се гласа за нејзино разрешување. По разрешувањето, таа поднесе тужба до Управниот суд, кој со пресуда во јануари годинава ја поништи одлуката. На седница на Судскиот совет на 3 јануари годинава Сашко Георгиев си поднесе оставка од функцијата, а на претседателското место во Судскиот совет повторно се врати Весна Дамева.

Слични содржини