Во своето прво гостување како гувернер на Народната банка во емисијата „Бизнис21“ , Трајко Славески проговори за процесот на избор на оваа значајна позиција, како и за првичните предизвици со кои се соочува во новата улога.
Иако не може со сигурност да каже што било одлучувачко за неговото именување, Славески посочи дека веројатно пресудиле неговото долгогодишно академско искуство и досегашниот јавен ангажман.
„Можеби се проценило дека искуството како универзитетски професор речиси 40 години, учеството во јавниот живот и моите јавно изнесени ставови базирани на економската историја, како и досегашното извршување на јавни функции без афери или скандали, се доволен основ за доверба“, рече Славески.
На прашањето дали му пречи тоа што неговиот избор не доби поширока политичка поддршка, тој вели дека не се чувствува погоден од тоа.
„Долги години сум дел од јавниот живот и уште од почетокот на транзицијата во 90-тите имав различни ставови од СДСМ. Тоа е дел од мојата професионална и идеолошка определба и не гледам проблем во тоа“, изјави гувернерот.
Славески порача дека и понатаму ќе се води од принципите на професионализам, одговорност и законитост во вршењето на функцијата, ставајќи го јавниот интерес пред сè.