Регулаторната комисија за енергетика со задоцнување ја донесе својата најнова одлука за малопродажните цени на нафтените деривати во нашата земја кои доживуваат драстичен скок.
Согласно методологијата за утврдување на цените на горивата, РКЕ донесе одлука која ќе стапи во сила од ноќеска на полноќ. Она што не е никакво изненадување е дека горивата продолжуваат да поскапуваат, но ретко кој можеше со сигурност да претпостави дека поскапувањето ќе биде драстично.
Според најновата одлука на РКЕ, горивата поскапуваат за цели 10,21 проценти во однос на минатата недела. Во конкретни бројки, ова значи дека дизелот се зголемува за цели 10 денари, а бензините поскапуваат за пет и пол денари во однос на претходно.
Со други зборови, од ноќеска на полноќ Еуродизел ќе се точи по цена од 85,50 денари, литар Еуросупер БС-95 ќе чини 89,50 денари, а еден литар Еуросупер БС-98 ќе се продава по цена од 91,50 денари.
Цената на Екстра лесното масло за домаќинство се зголемува за 9 денари за литар и ќе се продава по цена од 83,50 ден/лит, додека мазутот се зголемува за 6,149 денар/килограм и новата цена ќе биде 54,319 ден/кг.