Ново рочиште од судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Претходното рочиште беше одложено поради отсуство на бранителот на првоосомничениот Љупчо Палевски, адвокатот Јовица Страшевски. Судијата Ивица Стефановски тогаш информираше дека добил поднесок од бранителот на Палевски, адвокат Страшевски, со медицинска документација и барање за одложување. Судијата посочи дека ова е прво вакво барање, но доколку се повтори во иднина ќе назначи адвокат по службена должност.
Денешното рочиште треба да продолжи со сведочење на Палевски. На претходното, тој потенцираше дека патувал до Турција на регуларен начин поради здравствени причини и лични интереси. Заминал со регуларна патна исправа преку редовен премин.
Посетата до Истанбул, според неговиот исказ, покрај снимање магнетна резонанца била и посета на воен архив.
-Втора причина е посета на воен ахрив во Истанбул. Требаше да земам копија и доказ дека на 4 мај 1903 година во село Баница немало ниту еден аскер и дека Гоце Делчев не е убиен од турска војска, туку од врховистите. Третата причина зошто сум гледал карти од Минск и од Москва е мојата желба и намера да одам во Москва, но ниту сум букирал карта, ниту сум купил, туку мојата желба и намера не се реализирала, а на обвинителката многу добро ѝ е познато зошто. Јас требаше да одам во Москва од причина да земам копија од Новгородски ливчиња од јавната библиотека на Москва, изјави Палевски.
Палевски истакна дека неговите активности, по враќањето од Турција, биле цел на лажни медиумски написи дека бил во бегство. Палевски го нападна и шефот на скопското јавно обвинителство Гаврил Бубевски и тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски со неосновани обвинувања дека се одговорни за перењето пари во земјата. Ги нападна и медиумите дека се корумпирани од банкарскиот сектор, а оние што известуваат од судот дека се багра зад стаклото.
Тој вели дека кога стасал во Турција, на граница имал контакт со обвинетиот Велибор Манев, кој му дал број од Турчин што знае македонски. Тој му објаснил дека во Истанбул тешко ќе најде евтина куќа за изнајмување и му го предложил Баликесир кој е на 200 километри од Истанбул.
Палевски е последниот сведок кој треба да сведочи, откако претходно, покрај сведоците на Обвинителството, беше сослушан таткото Александар Ѓорчевски, како и останатите обвинети.
Манев ги образложи грабнувањата и убиствата на Вања и Панче, посочувајќи дека главен организатор бил Палевски. Боре Видевски го негираше своето учество во настаните, додека, Влатко Кешишев посочи дека тој не сведочел на истите, бидејќи најчесто му била давана задача да чува стража.
Претходно, таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, рече дека се сомневал оти неговата ќерка е киднапирана. Додаде и дека полицијата погрешно ја водела истрагата, бидејќи сметала дека Вања избегала во Тетово, потоа дека отишла во Шведска и се приклучила на ИСИС, а од контакт во Сејф сити на Гоце Трајковски, со кој вршел паралелна истрага, дознал за исчезнатиот цитроен на велешанецот Панче Жежовски, кој ќе биде искористен во грабнувањето на неговата ќерка.
Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.