Ново рочиште од судењето за двојното убиство на Вања и Панче

од Nikola Popovski
55 прегледи

Со изведување на докази од страна на Обвинителството во Основниот кривичен суд Скопје денеска во 10 часот треба да продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

На минатите рочишта сведочеа мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, ќерката на Жежовски, Ана Киркова и нејзиниот сопруг, Тодор Кирков, како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Денеска, според распоредот што го најави судијата Ивица Стефановски на првото рочиште, се очекува да сведочат Зоран Аваз, Тодорче Георгиевски, Елвис Ибрахуми и Мирче Мицевски, а на следното рочиште во петок, на 15 ноември, се очекува да сведочат Маја Спироска, Ѓорги Џолев, Кире Тренчевски, Кристијан Плотников и Васко Стојков.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.

Слични содржини