Ново рочиште за двојното убиство на Вања и Панче

од Nikola Popovski
18 прегледи

Во скопскиот Кривичен суд ново рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежоски. Се очекува да бидат изведени нови докази, а треба да биде сослушан и сведокот Гоце Трајковски, кој до неодамна беше во бегство.

На претходното, беа емитувани снимки од безбедносни камери за кои Обвинителството тврди дека се возилата кои се инволвирани во случајот.

Одбраната на Палевски приговараше на снимките, посочувајќи дека немаат доказна вредност и дека од записите обвинетите не може да се идентификуваат.

-Ликот на Палевски не се гледа на ниту една снимка. Тоа го утврди и самиот судија дека наликува на него, ама не е ликот. Невозможно е ОЈО да ги има сите докази кај нив, да го има возилото на вештачење, да тврди дека нема ДНК анализа, а да тврди дека Палевски го возел возилото, изјави по последното рочиште адвокатот Јовица Страшевски кој го брани Љупчо Палевски-Палчо.

Според него, снимките од камерите не покажуваат ниту еден лик.

-Не може да кажуваат дека овој ни наликува или со несигурност. Досега Обвинителството од 193 изведени докази, нема ниту еден презентиран доказ дека убиството е извршено од овие луѓе. Ниту еднаш не прикажаа снимка од местото на настанот, од пред зградата, од движењето. Невозможно е на ваков сериозен настан, да не повика движење на возила што се пред и по возилото, да не истражат дали забележале нешто сомнително во тој период. Ова е толку аматерски изведено од Обвинителството. Немам досега сретнато во кариерата, рече Страшевски во изјава за медиумите.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

Слични содржини