Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да продолжи судењето за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, каде првообвинет е Љупчо Палевски – Палчо, заедно со Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи со изведување на материјални докази од Обвинителство.
Гоце Трајковски, еден од клучните сведоци во судскиот процес за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, кој беше во бегство и осомничен за палење кафуле, сам се предал во полициската станица во Кисела Вода. По него беше распишана потерница. Денеска треба да биде сослушан.
Тој на 15 ноември требаше да сведочи за неговата улога во потрагата по Вања, но не се појави во судницата поради панични напади. Трајковски, еден од клучните сведоци, заедно со таткото собирал видеоснимки, преземал активности за пронаоѓање на детето. Подоцна се дозна од Обвинителството на брифинг, дека тој има и својство на осомничен за подметнување на пожар, бидејќи според податоците оттаму, на 13 ноември со уште три лица, запалиле кафуле кое било лоцирано во зграда во Кисела Вода.
На минатото рочиште беа изведувани видео записи од безбедносни камери. Обвинителство презентираше видео записи од системот Сејф сити, за кои рече дека се обезбедени со пребарување по регистарски таблички на возилата „цитроен“ и „рено кангу“ за нивното движење низ Скопје на критичниот ден на 27 ноември 2023 година и неколку дена пред да биде грабнато девејчето.
Обвинетиот Палевски на претходното рочиште, на 20 декември, побара да се изземе претседателот на Судечкиот совет Ивица Стефановски, затоа што, како што рече, тој бил необјективен, пристрасен и не му дозволил правична одбрана, како и дека не го барал оружјето со кое се извршени убиствата кај другите обвинети. Ваквото барање беше одбиено.
На едно од минатите рочишта беа изведувани и видео-записи. На првите неколку видеа, презентирани од Обвинителството, се гледа како обвинетиот Влатко Кешишев наплаќа и полни балон со бензин на бензинска станица Макпетрол кај Транспорниот центар Скопје во близина на партијата Десна околу 5 часот наутро на 27 ноември 2023 година. Во судницата беа презентирани и неколку видеа од безбедносни камери од возилото Рено Кангу, како се движи во Центар, од седиштето на партијата Десна, кон Аеродром и во правец кон Гази Баба, околу 5 часот и 33 минути на 27 ноември 2023 година.
На изминатите рочишта сведочеа најблиските од семејството на Вања и на Панче, и полициски службеници, вклучени во истрагата. Еден од сведоците, Гоце Трајковски е во бегство, откако полицијата го сомничи за подметнување пожар во кафуле во Кисела Вода. Неколку пати не се појави на судските рочишта, иако неговата мајка го оправдала отсуството поради здравствени проблеми.
На минатите рочишта сведочеа мајката на Вања, ќерката на Жежовски и нејзиниот сопруг, како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства, меѓу кои инспектори и членови на политичката партија „Десна“.
За грабнувањата и убиствата на Вања и Панче се обвинети четворица извршители – Љупчо Палевски како првообвинет, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка. Сите обвинети се изјаснија дека се невини.