Ново рочиште за убиството на Вања и Панче: Палевски на вкрстено испрашување

од Nikola Popovski
116 прегледи

Во скопскиот Кривичен суд ново рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежоски. На минатото судење сведочеше обвинетиот Љупчо Палевски. Денеска треба да продолжи со вкрстени прашања од Обвинителството и одбраната на другите обвинети. Во процесот против мене Обвинителството користи лажни сведоци, тврдеше првообвинетиот за двојното убиството Палевски. Рече дека критичниот ден бил во партиското седиште, снимал поткаст, и комуницирал на социјалните мрежи.

Во сведочењето истакна дека „криминалниот ум би ја убил Зорица Ѓорчевска (мајката), а не Вања Ѓорчевска“. Смета дека обвинителите се наивни и ја лажат јавноста брифирани од шефот на ОЈО, Гаврил Бубевски.

„Класичен криминален ум ако е во релација со таткото кој веќе го поседува станот во зградата „Фонтана“ и е законски наследник, криминалниот ум би ја убил Зорица, а не Вања Ѓорчевска затоа што целокупниот имот на тоа семејство, заедно со депозитот од 30.000  евра во банка и новото возило ќе прејдат во владение и 50 проценти сопственост на законскиот старател Александар“, рече Палевски.

Според него, доказите во истрагата против него се фалсификати.

„Фалсификатите во оваа истрага се очигледни, а во овој случај на Ерол Османи, грешката која ја направило ОЈО е што прво го сослушала Ерол Османи, му зела изјава, напишала обвинение со лажна изјава со која се негира 22.11.2024 како критичен ден, моето тврдење дека на тој ден е правен сервисот, а вештачењето на телефонот е направено многу подоцна по моето доаѓање и екстрадиција од Република Турција, тоа е грешката со која јас го докажав овој лажен исказ“, кажа Палевски.

Прашан дали го познава Панче Жежовски, одговори негативно. Негираше каква било поврзаност со сега починатиот, нагласувајќи дека никогаш немал контакт со него, ниту директно ниту индиректно.

Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство за откуп.

Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски пак, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „цитроен“ за да го користат за грабнување на малолетната Вања.

Слични содржини