Ново задолжување на Владата, кој и колку ја кредитира државата?

од desk3
94 прегледи

Ново задолжување на Владата – од домашните кредитори позајми 12 милиони евра, а по основ на доспеани долгови денеска врати 3,6 милиони евра. Најголем дел од парите, или 8 милиони евра, ги собра преку продажба на државна хартии од вредност што ќе се враќаат по 10 или 15 години, информира 24Вести.

117044
Со ова, продолжува трендот на долгорочни задолжувања. Заклучно со јуни повеќе од 106 милиони евра е салдото на долгот што треба да се враќа по 10 или 15 години, скоро 330 милиони евра се долгови со рок на отплата од 3 години, а речси 449 милиони евра се врзани за едногодишни хартии од вредност.

Се работи за големи промени во рочноста на долговите во краток временски период, велат економистите.
Преку фискалната стратегија, Владата веќе најави дека годинава ќе спроведува долгорочни задолжувања и дека македонската економија ќе остане во групата на умерено задолжени.

Меѓу најголеми кредитори на Владата веќе се и пензискиот фондови кои кај државата чуваат 357 милиони евра.
Меѓу најголемите кредитори се и банките, со позајмица од 564 милиони евра и осигурителните компании со скоро 72 милиони евра. Заклучно со јуни, внатрешниот долг изнесува скоро 1,3 милијарди евра, и само за пет години е зголемен за скоро 750 милиони евра.

Вкупниот јавен долг на државата заклучно со првата половина од годинава достигна 3,9 милијарди евра или 43,7 проценти. Најниско ниво на јавниот долг е измерено во 2008 , кога тој изнесувал 23 проценти од БДП.