Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на граѓаните им ги честита новогодишните празници, посакувајќи следната година да биде година на успеси, стабилност, радости и остварени соништа.
Како и во вашите животи, и во мојот, има и подеми и падови, но и стотици причини и мотиви да не се откажуваме. Ние секогаш имаме обврска да чекориме напред и кон подобро, заради нас самите, заради нашите деца и за општото добро. Мудриот рекол една гранка лесно се крши, но кога десет гранки ќе се сплотат, тоа е невозможно, порача шефицата на државата во видео-обраќање.
Претседателката побара да им подадеме рака и на немоќните, на лицата коишто живеат на маргините, потребни сме им, но и тие нам.
-Да изградиме општество во кое секој ќе има шанса за пристоен и достоинствен живот, ранливите ̶ поддршка, а младите ̶ инспирација, мотив и иднина. Имаме насушна потреба од еколошка правда и договор со природата, но не како наметната обврска, туку како предуслов за извесна иднина, апелира Сиљановска Давкова во обраќањето и додава:
-Како нација имаме право да го покажеме пред светот нашето вистинско лице, да ја кажеме нашата долговековна приказна, да веруваме во нашиот македонски сон.
И како човек и како претседателка верувам дека вреди да се бориме за правото, правдата и моралот. Држејќи се до овие начела, малите земји имаат шанса да ги пребродат големите бури во меѓународните води.
Да го чуваме како добри домаќини нашиот заеднички дом. Посакувам 2025-та година да биде година на успеси, стабилност, радости и остварени соништа. Да живееме во мир, спокој и хармонија со оние што ги сакаме и што нѐ сакаат.
Претходно новогодишни честитки упатија и премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на опозицијата, Венко Филипче.