Новогодишно Охрид резервиран до последно место

од desk4
81 прегледи

Исполнет до последно место е македонскиот бисер. Новата година во градот на светлината покрај најстарото езеро во Европа ќе ја дочекаат стотици Срби, Црногорци, Хрвати, Бугари и уште многу други. Одамна резервирани се мотелите, хотелите, приватните апартмани и вилите, информира ТВ24.

Од вчера веќе се бара и место плус во рестораните за прославата утре вечер. Цените поефтини од кога било и на Охрид ќе му ја донесат можеби досега најуспешната зимска сезона, велат угостителите. Прослава на Нова година на охридската ривера чини од 20 до 45 евра, зависно од локалот и понудата.

„За Нова година од пред еден месец сме букирани, имаме гости од Србија, Црна Гора, Бугарија, некои се стари гости, некои нови. Ги намаливме цените за 1000 денари. Побарувачката е иста.“ – вели Александра Миткоска менаџер во ресторан.

„Ако останавме отворени 200 резервации беа побарани во нашиот објект и ќе можевме да ги примиме. Секој ден се јавуваат дали на букинг, бараат слободно место и место повеќе.“ – вели Наумче Кордоски хотелиер.

Оваа година во Охрид најмногубројни се Србите. Букираат за 3-4 дена за да ги прошетаат убавините кои ги нуди градот, но и да вкусат и традицонална кујна и убава изворна музика. Цените за тридневните аранжмани се движат  од 80  до 150 евра со вклучена новогодишна прослава.

„Најбарани се двокреветните соби, значи барови. По букинг резервациите се работи за помлади гости од соседните земји, пред се Србија. Се надеваме дека како што почна 2018 со резервации, такво ќе биде и летото.“ – вели Кордоски.

Во соседна Струга иако оваа година нема да има градска прослава на плоштад сепак интересот за посета на градот во ова доба од годината  е голем информираат хотелиерите.

„Гостите се од Албанија, 90 одсто од нив.“ – вели Ваљон Љумани, менаџер на хотел.

До крајот на јануари туристичките работници очекуваат добар профит со вистински наплив на туристи. Големи се очекувањата и за посетеност од домашни гости поради фактот дека градот ги намали цените за сите граѓани од загадените градови.