Новопримените професионални војници дадоа свечена заклетва, заменикот – министер Хасани им порача да бидат горди, стануваат дел од НАТО – Армија

Новопримените професионални војници кои беа дел од последниот конкурс на Министерството за одбрана за прием на 200 професионални војници, денеска во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, ја дадоа својата свечена заклетва.

Заменикот министер Башким Хасани на новопримените професионални војници во свое име и во име на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска им ја честиташе свечената заклетва и им порача да бидат горди на себе затоа што стануваат дел од институција во која граѓаните имаат најголема доверба.

„Влегувате во институција која е најпочитувана, најценета, институција која своето реноме го има изградено затоа што секогаш и секаде била прва во помошта на нашите граѓани“, истакна заменикот министер.

Хасани порача дека Армијата денес не е сама – зад себе има 29 сојузници, секоја од нив посветена на мирот, безбедноста и стабилноста, секоја од нив подготвена да ги брани овие вредности.

„Вие сте НАТО. Вие сте еднакви помеѓу еднаквите во најмоќната воено – политичка Алијанса во историјата на човештвото. Имајте самодоверба и самопочит, верувајте во своите капацитети. И, покажете дека припаѓаме таму, со најмоќните и највлијателните”, рече Хасани.

На професионалните војници им се обрати и командантот на Центарот за индивидуална обука, потполковник Виктор Еркиќ, кој истакна дека Армијата во професионалните војници гледа подмладок и нови капацитети и дека целокупниот нивен труд, успех и ангажирање ќе биде будно следен и вреднуван.

На давањето свечена заклетва во велешката касарна присуствуваа и заменик-началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредини и заменик командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Стојанчо Тодоров.

Слични содржини