Директорката на Детската клиника, Стојка Нацева Фуштиќ потврди дека на Клиниката починало новореденче од сепса. Таа информира дека новороденчето било донесено од Прилеп во тешка состојба, со ирегуларно дишење, било згрижено на Единицата за интензивна терапија, првично со неинвазивна поддршка на респирацијата, а потоа поставено на механичка вентилација.
-Дали е предвремено прснат воденик, дали е од родилните патишта, тука може да се шпекулира … немаме такви податоци. Меѓутоа, кога е донесено на клиниката, веќе има јасни клинички биохемиски знаци за рана неонатална сепса, појаснила директорката на Детската клиника во изјава за МИА.
На социјалната мрежа Фејсбук осамна статусот на 42-годишната мајка Лиле Петровиќ од Прилеп. Таа објави дека се породила во Прилепската болница со здраво машко дете со 2.700 грама, за по една недела да ѝ кажат дека нејзиното дете се разболело и починало. Обвинува за негрижа, на сестрите и на докторите од Прилепската болница.
-Бев префрлена во болничката соба после пораѓај, а детето беше земено за испитувања на кои ми потврдија дека сé е во ред. По неколку часа го донесоа да го видам, беше едно од бебињата кое беше највесело, веднаш почна да цица и сé се чинеше во ред. По два дена ми беше кажано дека ќе го носат на зрачење од бебешка жолтица 6 часа и после тоа дека ќе ме пуштат дома. По 6 часа јас бев спремна да си одиме, дојде сестрата и ми кажа дека бебето ќе биде зрачено уште 6 часа за да не морало да се враќаме пак тука. Вечерта детето ми беше донесено само половина час и го зедоа. Што се случуваше таа вечер ќе остане секогаш мистерија. Што правеле сестрите кои биле оставени без доктор во цел оддел. Во 5:30 наутро дошла докторката која кога видела што се случува со бебето почнала да им вика, што направиле со него. Му направила уште една кривна слика која сега ми кажува дека “БЕШЕ СУПЕР“ и дека немало никакви знаци на инфекција“, пишува мајката Лиле, додавајќи дека сестрите ја информирале дека нејзиното бебе ќе мора да се испрати на Детската клиника во Скопје, со образложение дека таму имале подобри апарати.
Меѓу другото истакнала дека во Прилепската болница персоналот ѝ рекол дека бебето ќе биде третирано со зрачење заради жолтица, но потоа било препратено во Скопје.