Новороденче починало во Битолската клиничка болница, во одделот за гинекологија. По тој повод, министерот за здравство, Фатмир Меџити заминал во вонредна посета на болницата.
Според информациите на медиумите, на родилката ѝ била дадена таблета да го испровоцира породувањето, по што била испратена дома. Кога се вратила ноќта во болница да раѓа, веќе било доцна.
Претходно немало никакви компликации со плодот, ниту пак мајката имала какви било здравствени проблеми во текот на бременоста.
Од Министерството за здравство најавуваат повеќе информации во текот на денот.
Смртен случај во истата болница имаше и неодамна. Шестгодишната Јана почина на 22 март во битолската Клиничка болница само неколку часа откако била примена со оток на очите, болки во грлото и нозете и повраќање. Нејзините родители се сомневаа дека девојчето не било соодветно третирано.
Комисијата за стручен надзор за случајот со лекувањето на малата Јана констатираше дека според анамнезата, клиничкиот преглед и работната дијагноза, се преземени соодветни чекори во однос на анализи, третман и опсервација на пациентката и дека нема утврдено пропусти.